
Законски обврски во управување со ОБА
-Законски обврски поседувач/трговец
„Поседувач” согласно член 6 став 10 од Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори („Сл. Весник на РСМ“ бр. 176/21) е правно или физичко лице кое со вршењето на својата дејност постојано или привремено создава и/или поседува отпадни батерии и акумулатори (како на пример трговец, сервиси, сервиси за возила, механичарски работилници, сервиси на електрична и електронска опрема и слично). Како поседувач, во смисла на овој закон не се сметаат граѓаните или дома ќинствата;
„Трговец” согласно член 6 став 10 од Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори („Сл. Весник на РСМ“ бр. 176/21) е правно или физичко лице кое на професионална основа обезбедува снабдување на батерии и акумулатори за крајните корисници;
• Обврски на трговецот за повратен прием на отпадни батерии и акумулатори
- Трговецот кој има малопродажна продавница е должен да обезбеди простор или садови за собирање и чување на отпадни батерии и акумулатори без притоа за возврат од крајниот корисник да бара купување на батерии и акумулатори. Просторот предвиден за бесплатен повратен прием мора да биде лесно достапен до јавноста и истиот да биде означен со јасно видливи знаци за неговата местоположба.
- Трговецот нема обврска да поседува дозвола за управување со отпад за просториите за повратен прием или за местата за преземање на отпадни батерии и акумулатори.
- Трговецот е должен собраните отпадни батерии и акумулатори, без да ги модифицира, да ги предаде на собирач или инсталација/оператор за управување со отпад која поседува соодветна дозвола и кој претставува дел од самостоен или колективен постапувач. Предавањето задолжително се врши со транспортен и идентификационен формулар согласно прописите за управување со отпад.
- Трговецот за исполнување на обврските склучува договор со колективен постапувач за времетраење од најмалку една календарска година, во кој се уредуваат меѓусебните права и обврски за предавање на отпадните батерии и акумулатори преземени или создадени во своите простории.
- Отпадните батерии и акумулатори кои биле преземени преку повратен прием или создадени од трговецот се пресметуваат во националните цели за собирање на отпадни батерии и акумулатори.
- Обврската за повратен прием на трговецот не смее да се пренесува на друг субјект.
- Трговецот самостојно или во договор со производителот, може да преземе активности со кои ќе ги поттикне крајните корисници да ги враќаат отпадните батерии и акумулатори со цел зголемување на повратниот прием преку најразлични понуди за попусти при купување нови батерии и акумулатори или други производи или со други поттикнувачки мерки.
• Евиденција и известување како обврска на трговецот
- Трговецот е должен да води евиденција за количините на преземени отпадни батерии и акумулатори, на посебен образец.
- Евиденцијата треба да биде достапна во просторијата на трговецот каде се врши трговијата и во секое време да биде достапна на надлежните органи.
- Трговецот е одговорен за сеопфатноста и точноста на податоците во евиденцијата.
- Трговецот, од производителот од кој ги набавува производите е должен да обезбеди потврда за исполнување на проширената одговорност за управување со батерии и акумулатори во согласност со прописите за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, односно потврда дека производителот го платил надоместокот од член 35 од овој закон.
• Преземање на отпадни батерии и акумулатори
- Трговецот во договор со производителот, може да овозможи повратен прием на отпадни батерии и акумулатори на локации каде преземањето е овозможено од производителот. Како место за преземање на отпадните батерии и акумулатори се смета сад или садови за отпадни батерии и акумулатори, поставени на место определено за таа намена во покриен простор, кои имаат доволна големина за отпадните батерии и акумулатори да може да се чуваат уредно, а просторните услови да овозможуваат повратен прием на отпадните батерии и акумулатори без никакви ограничувања.
- Производителот е должен без надоместок да ги преземе отпадните батерии и акумулатори од трговецот, а трговецот не смее да бара надомест за преземање на отпадните батерии и акумулатори од производителот.
• Информирање на крајните корисници од страна на трговецот
- Трговецот, е должен да ги информира крајните корисници на батерии и акумулатори за:
- забраната за оставање на отпадни батерии и акумулатори како несортиран комунален отпад и обврската за одделно собирање на отпадните батерии и акумулатори,
- воспоставените системи за преземање на отпадните батерии и акумулатори и нивен третман и отстранување и
- можноста за предавање на отпадните батерии и акумулатори на продажните места на истите.
- Трговецот, информациите треба да ги постави на неговата веб-страницата, на печатени или онлајн рекламни материјали, билтени или на веб страната за онлајн продажба што ја користи трговецот, на видлив и лесно достапен начин.
- Трговецот, обврската за информирање на крајните корисници не смее да ја пренесе на друг субјект.
-Законски обврски општини
- Согласно Член 30 од Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори („Сл. Весник на РСМ“ бр. 176/21) Градоначалникот на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје е должен:
- да го организира одделното собирање на отпадните батерии и акумулатори од домаќинствата,
- да организира собирање на отпадните батерии и акумулатори од страна на овластениот давател на услуги за собирање на комунален отпад, како одделна собрана фракција на комунален отпад,
- да определи и организира собирни пунктови за одделно собирање на отпадни батерии и акумулатори од домаќинствата, во собирни центри или други времено определени места за таа намена на целата територија на општината, општината во градот Скопје и Градот Скопје, каде крајните корисници ќе можат бесплатно да ги остават отпадните батерии и акумулатори од домаќинствата и
- да соработува со колективните и самостојните постапувачи за управување со отпадни батерии и акумулатори, согласно овој закон и прописите за проширената одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад.
При определување на местата и локациите на собирните центри треба да се земе предвид бројот на жителите во населеното место, при што треба да се обезбеди најмалку по еден собирен центар на ниво на општина, односно најмалку по еден собирен центар за 30.000 жители.
Собирните центри ги вклучуваат и постојните места и локации за прием на одделно собрани фракции на комунален отпад, доколку овие места ги исполнуваат условите утврдени со овој или друг закон.
Собраните отпадни батерии и акумулатори во собирните центри се предаваат на колективен или самостоен постапувач за постапување со батерии и акумулатори бесплатно врз основа на склучен договор со општината, општината во градот Скопје и градот Скопје односно организационата единица за регионално управување со отпад, преку Центарот за развој на соодветниот плански регион.
Со договорот се уредуваат меѓусебните права и обврски на договорните страни, начинот на редовно преземање на отпадните батерии и акумулатори, начинот на информирање на јавноста за собирните центри и други локации за преземање на отпадните батерии и акумулатори, начинот на покривање на трошоците настанати од работењето, како и други прашања од заеднички интерес. Договорот се склучува за период од најмалку една календарска година.
Собирните центри кои се наоѓаат во основните и средните училишта се исклучиво наменети за собирање на преносни батерии.
-Законски обврски краен потрошувач
Согласно Член 6 од Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори („Сл. Весник на РСМ“ бр. 176/21) г) „Kраен корисник” е потрошувач кој како правно или физичко лице, поради крајна употреба или користење на друг производ, при вршењето на својата дејност, користи батерии и акумулатори и по нивното истрошување создава отпадни батерии и акумулатори во своите простории и/или во уредите кои тој ги има во владение. Како краен корисник ќе се смета поседувачот или трговецот кој заради свои потреби увезол батерии и акумулатори без посредник.
Обврски за крајните корисници:
- Крајниот корисник е должен отпадните батерии и акумулатори да ги собира, чува и предаде на производителот, трговецот или овластениот собирач, кој е дел од колективен или самостоен постапувач, како одделно собрана фракција на комунален отпад или да ги предаде во собирен центар или собирно место определено за таа намена.
- Крајниот корисник пред да ги предаде отпадните батерии и акумулатори, должен е да ги собере или чува одвоено, за да не се мешаат со друг вид отпад, да не се ситнат или на друг начин уништуваат, или загадуваат со опасни или други супстанции, со што би се оневозможило нивното рециклирање.
- Крајниот корисник е должен отпадните автомобилски батерии и акумулатори кои ги создава да ги предаде на трговецот од кој ги набавил или на правни лица кои поседуваат соодветна дозвола за управување со отпад, согласно прописите за управување со отпадот.
- Крајниот корисник е должен отпадните индустриски батерии и акумулатори кои ги создава да ги предаде на производителот од кој ги набавил или на правни лица кои поседуваат соодветна дозвола за управување со отпад согласно прописите за управување со отпадот.
- Преносните отпадни батерии и акумулатори се отстрануваат и собираат одделно од другите видови на отпадни батерии и акумулатори во посебно означени садови за собирање.



