Електричниот и електронскиот отпад и отпадните батерии имаат карактер на опасен отпад и според законот за управување со отпад не смее да се меша со други типови на отпад.
Вашиот стар фрижидер, машина за перење, компјутер, телевизор или пак мобилен телефон спаѓаат во категоријата на опасен отпад кој не смее да се меша со комуналниот отпад.
Овој отпад иако делува како нетоксичен, содржи екстремно токсични, често канцерогени супстанции, како жива, олово, кадмиум, бром, кои доколку се фрлат со останатиот отпад ќе завршат на депонија, ќе го најдат патот до водата, почвата и воздухот, ќе навлезат во синџирот за исхрана и повторно ќе се вратат во нашето тело, но овој пат како предизвикувачи на сериозни болести.
Листата на болести е долга, последиците се фатални.

Најголема закана за загадување на водите е живата, која може лесно да се акумулира во живите организими преку синџирот на исхрана, а најмногу преку рибите. Тоа може да предизвика оштетување на различни органи, вклучувајќи ги бубрезите и мозокот.
Преголема изложеност на оловото предизвикува оштетување на централниот и периферниот нервен систем, кардиоваскуларниот систем, бубрезите и репродуктивните органи.
Не можеме работите да ги фрлиме толку далеку а да не ни се вратат. Ќе се вратат преку загадениот воздух, загадената почва и загадената вода преполни со метали кои потекнуваат од неправилно отстранет, депониран и неправило третиран електричен и електронски отпад.
Законот предвидува прекршочна санкција за физички лица, глоба од 60 евра во денарска противредност доколку се затекне да се остава отпадна електрична опрема од домаќинствата како несортиран комунален отпад.




